СТАНДАРД life
ПРЕТПРИЕМАЧ

Арсовска: Излезот од кризата ќе се случи побрзо доколку одлуките на институциите одговараат на потребите на граѓаните и стопанството

Бараните мерки за економски спас се базираат на реалните потреби на стопанството кое се соочува со голем број предизвици. Важно е да се зачуваат работните места, но и да се надмине нарушената ликвидност која многу брзо, доколку не се обезбеди континуирана финансиска помош може да доведе до затворање на дел од правните субјекти, вели во интервју за „Стандард“ претседателката на Сојузот на стопански комори, Даниела Арсовска.

Во однос на владините мерки, вели дека за брза имплементација и навремена исплата на помошта на оние кои се најзасегнати, мерките треба да бидат таргетирани, а процедурите едноставни, ослободени од непотребно аплицирање за документи кои институциите може да ги добијат по службен пат.

За тоа кога може да се очекува позитивен ефект од мерките, смета дека во првиот квартал, со оглед на моменталните состојби со здравствено економската криза, состојбите не можат значително да се подобрат, но е веројатно дека ќе биде постигнат извесен раст, споредено со негативните резултати од минатата година.

-Малите и средни претпријатија особено оние од најпогодените сектори производствениот, услужниот и туристичкиот се уште се во лоша состојба. Стапките на невработеност се зголемени и состојбите на пазарот на трудот се влошуваат, што дополнително ќе ги усложни состојбите. Излезот од кризата веројатно ќе се случи побрзо доколку одлуките на институциите одговараат на барањата и потребите на граѓаните и стопанството, а колективниот интерес секогаш да биде пред индивидуалниот, смета Арсовска.

ССК бараше петиот пакет мерки да се дoнесе во јануари, но според најавите овој сет мерки светлото на денот ќе го види во февруари. Дали имате најава од Владата кога ќе се одржи средба за да го слушне мислењето на коморите?

-Сојузот на стопански комори на Македонија базирано врз анкетите кои ги спроведе пред најавата за петтиот пакет мерки за спас, најави дека од ентитетите од стопанството како најважно се истакна неопходноста да има континуитет на поддршката што ќе биде сигнал за претпријатијата да се зачуваат работните места и да се издржи тешкиот период без да згаснат дејностите кои се најкритични. Барањата на ССК кои ги доставивме преточени во 15 мерки, се скромни ако се споредат со реалните состојби во економијата, а истите се засновани на широк процес на консултации во приватниот сектор. За нивно елаборирање и прифаќање од страна на Владата се уште не е закажана официјална средба согласно досега воспоставената пракса.

Што ќе побара ССК на таа средба? Дали останувате на истата листа на барања што ја објавивте на почетокот на месецов или во меѓувреме ја дополнивте и со што? Дали ќе биде ставено под прашање преживувањето на голем број фирми во очекување на нов пакет мерки?

-Бараните мерки за економски спас се базираат на реалните потреби на стопанството кое се соочува со голем број предизвици. Важно е да се зачуваат работните места, но и да се надмине нарушената ликвидност која многу брзо, доколку не се обезбеди континуирана финансиска помош може да доведе до затворање на дел од правните субјекти. Особено ризични се секторите кои со месеци поради рестрикциите имаат значително намалени приходи, но во секој случај важно е да им се помогне на сите оние претпријатија кои ценат дека поддршката им е потребна за да опстанат. Приоритетни мерки на предложениот пакет вклучуваат продолжување на мерката за месечна финансиска помош до април 2021 година, директно и неселективно, продолжување на помош во форма на бескаматни кредити и можност за репрограмирање на обврските од активни кредитни побарувања. Дополнително, ССК достави посебни финансиски мерки за директна таргетирана неповратна финансиска поддршка за секторите кои не се во можност редовно да ја вршат својата дејност. Важно е да не се дозволи претпријатијата од овие сектори да пропаднат во време на криза, и да можат да опстанат до отпочнување на периодот на економското закрепнување.

Она што досега се знае е дека пакетот ќе тежи 50 мил. евра, дека ќе има мерки за најпогодените сектори (туризам и угостителство), дека ќе продолжат ваучерите за туризам…Коморите и синдикатите бараат да продолжи поддршката за исплата на плати но јасно е дека Јануарската плата ќе биде без поддршка. Што тоа ќе значи за стопанството? Ќе има ли потешкотии во исплатата на платата особено ако не се предвидува продолжување на ваквата мерка?

-Во услови на криза оваа мерка даде значителни резултати за одржување на претпријатијата како и зачувување на работните места. Нејзиното непродолжување ќе значи потенцијална загуба на значителен број на работни места. Мора да се има во предвид дека состојбите во стопанството се уште не се стабилизирани, но и дека проблемот со ликвидноста на претпријатијата се продлабочува, поради што може да се случи да се намалуваат работните места бидејќи се нема друг излез и ентитетите немаат доволно средства за да ги покријат едновремено тековните режиски трошоци, активните кредити и платите. Предвременото и непланирано укинување на мерките не само што може да нанесе
последици за чие санирање ќе треба ангажирање на многу повеќе средства и ресурси, туку и ќе ги анулира и ефектите кои до сега се постигнати со економските мерки.

Досегашната реализација на четирите пакети мерки не влеа голем оптимизам, имено од 550 мил.евра за првите три сета мерки се искористија едвај 33 % а добар дел од мерките од четвртиот сет остнаа заглавени во Собранието. Дали нереализираните мерки влијаат на бизнисите и како? Како да се подорби имплементацијата на мерките?

-Сојузот повеќе пати потенцираше дека најголемиот проблем е имплементацијата на мерките. Во првите два пакети економски мерки процедурите во повеќе наврати се менуваа, додека за сите четири пакети заедничко е што дел иако беа најавени сепак воопшто не се имплементираа, или се уште се во процедура како државната банкарска гаранција, укинување на парафискалните давачки, државна царинска гаранција, укинување на КПУ за сметководителите. Ако сакаме брза имплементација и навремена исплата на помошта на оние кои се најзасегнати, мерките треба да бидат таргетирани, а процедурите едноставни, ослободени од непотребно аплицирање за документи кои институциите може да ги добијат по службен пат. Исто така бараме и правните лица кои се корисници на некоја мерка, а кај кои условите не се променети да можат по автоматизам да го продолжат правото на користење, без повторно да поминуваат низ процедурата на аплицирање. Во имплементацијата на мерките од четвртиот пакет имаше извесни подобрувања во однос на процедурите, се надеваме дека институциите ќе продолжат во таа насока.

Владата и за оваа година најавува силна поддршка за македонското стопанство, за реализација на капиталните инвестиции, но реалноста вели дека во 2020 год се затвориле 6.200 фирми, 17.000 работници останаа без работа. Дали и ССК очекува првите позитивни ефекти од владините мерки да се видат во првиот квартал од годинава? Не е ли сеуште рано да се зборува за економски напредок? Кога според вас може да се очекува позитивен ефект?

-Во првиот квартал со оглед на моменталните состојби со здравствено економската криза состојбите не можат значително да се подобрат, но е веројатно дека ќе биде постигнат извесен раст, споредено со негативните резултати од минатата година. Малите и средни претпријатија особено оние од најпогодените сектори производствениот, услужниот и туристичкиот се уште се во лоша состојба. Стапките на невработеност се зголемени и состојбите на пазарот на трудот се влошуваат, што дополнително ќе ги усложни состојбите. Излезот од кризата веројатно ќе се случи побрзо доколку одлуките на институциите одговараат на барањата и потребите на граѓаните и стопанството, а колективниот интерес секогаш да биде пред индивидуалниот. Важно е да се воспостави систем кој ќе гарантира сигурност и стабилност на работните места и на економијата воопшто, како и кон институционално посветено делување кон секој кој регистрирано работи на националниот пазар, со цел да му се овозможат фер услови диктирани од самиот пазар, кој пак треба да е ослободен од влијанија и да е базиран на принципите на слободна конкурентност и еднаков третман.

Каков е вашиот став во однос на неделата како неработен ден, за што сеуште нема одлука од страна на Владата?

-За најавената предлог политика за недела како неработен ден, спроведовме анкета во која претпријатијата позитивно се изјаснија за нејзина реализација. Единствените забелешки кои беа истакнати беа за предвидување на исклучоци кои би овозможиле на граѓаните да им бидат достапни извесни содржини за време на викендите, но и во рамки на законот да работат оние дејности кои се во функција на јавниот интерес.

Наспроти крикот на стопанството за помош од државата, владата даде пари за фасадата на зградата на ЕСМ, се планира повторно да се плати од буџетот недомаќинското работење на градоначалниците, односно да се простат долговите на ЈП и општините. Каков е вашиот коментар?

-Уште од почетокот на здравствено економската криза предизвикана од пандемијата јасно беше истакнат ставот на Сојузот дека во време на криза неопходно е кратење на сите непродуктивни трошоци и реалокација на средствата од буџетот за директна, безусловна и таргетирана поддршка за стопанството кое е продуктивниот сегмент на македонската економија. Важно е да се инвестира секој денар буџетски средства во мерки кои ќе продуцираат дополнителна вредност а особено важно кои ќе овозможат по надминување на кризата претпријатијата да можат да продолжат онаму каде што застанаа нивните инвестиции поради овие непредвидени состојби.

К.В.С.

Поврзани вести

Антевски: Нашите пари од буџетот треба да ги трошиме во македонското производство, тоа го прави секоја нормална држава

Влатко Зорба

Крстевски: Најважно е да имаме клиенти кои се вакцинирани за да можат да патуваат

Влатко Зорба

Пљаковска-Аспровска: 82% повеќе трансакции кај виртуелните ПОС терминали во првиот квартал од 2021 година во однос на лани

Влатко Зорба