СТАНДАРД life
ПРЕТПРИЕМАЧ

Пејоски: Стартапите лесно може да се адаптираат на промени, корона-кризата може да биде само двигател во правилна насока

Верувам дека не постои компанија која што го нема почувствувано влијанието од корона-кризата, но колку што ваквите драстични промени во општеството имаат негативно влијание, истите претставуваат можност за нови почетоци, вели во интервју за „Стандард“ Теди Пејоски, ко-основач и извршен директор на Enzyme и еден од основоположниците на македонската стартап сцена.

– Во однос на македонските стартапи и претприемачки, свесен сум дека голем број од нив се погодени од кризата, но исто така стартапите се мали и агилни и релативно лесно може да се адаптираат на промени, изјави Пејоски.

Наведе дека македонската стартап сцена денес е во зрела фаза, односно ги има сите потребни чинители на еден здрав стартап екосистем – во една или во друга форма и може да произведе успешна компанија во рамки на локален или регионален пазар.

– Можеби е малце контраинтуитивно, но сметам дека државата треба да ги охрабри младите луѓе да станат успешни онаму каде што тие сметаат дека ќе успеат, се со надеж дека кога младите луѓе ќе станат успешни, ќе чувствуваат потреба да се вратат и да вратат во општеството кое што им помогнало да бидат подобра верзија од самите себе и да бидат успешни, додаде Пејоски.

Вие сте ко-основач на GSIX и ко-основач и извршен директор на Enzyme. Со што се занимаваат и кои се целите на компаниите?

-GSIX е компанија која што постои од 2013 година и ја создадовме со цел да одговориме на потребите и зголемениот интерес за развој на мобилни и веб апликации, односно да овозможиме развојна рамка со која што нашите клиенти ќе може брзо и лесно да ги преточат своите идеи во конкретни дигитални продукти.

Низ годините искуство како софтверски инженер и после неколку стотици успешни проекти низ Европа и САД, забележав дека голем процент од програмерската работа се повторува, барањата на клиентите може да се генерализираат и сето тоа да се автоматизира, и за таа цел ја креирав Enzyme – компанија која што има за цел да овозможи повеќекратно забрзување на процесот на развој на софтвер со помош на вештачка интелигенција.

Во моментов работиме на развој на првиот продукт и сме во потрага по софтверски инженери кои што имаат познавање од обработка на природни јазици (NLP), машинско учење (Machine Learning) и експерти за развој на продукт (Product Designers, UX Researchers).

Дали корона-кризата влијаеше на вашата компанија и воопшто на македонските стартапи?

-Верувам дека не постои компанија која што го нема почувствувано влијанието од корона-кризата, но колку што ваквите драстични промени во општеството имаат негативно влијание, истите претставуваат можност за нови почетоци.

Како софтверска компанија, GSIX не беше иницијално директно афектирана од кризата, но во втората половина на 2020, кога голем број од нашите клиенти од угостителство и ХоРеКа индустриите беа погодени, веќе индиректно почнавме да ги чувствуваме последиците.

Од друга страна пак, кризата придонесе позитивно да се забрзаат некои интерни процеси, како што се: работата од дома, секојдневната комуникација, фокусот на пазари, пристап до нови клиенти, промена во технологиите со кои што работиме итн. и сметам дека досега успешно навигиравме низ предизвиците.

Во однос на македонските стартапи и претприемачки, свесен сум дека голем број од нив се погодени од кризата, но исто така стартапите се мали и агилни и релативно лесно може да се адаптираат на промени, и како и за GSIX така и за голем број на компании, кризата може да биде само двигател во правилна насока.

Како еден од основоположниците на македонската стартап сцена, како би ја оцениле истата?

-Особено сум горд на она што го постигнавме во почетоците на македонската стартап сцена. На голем број млади луѓе им покажавме дека постои алтернативен кариерен пат, оние пак што го знаеа тој пат, ги мотивиравме да го направат првиот чекор и ја поставивме Македонија на стартап мапата на светот.

Стартап сцената денес е во зрела фаза, односно ги има сите потребни чинители на еден здрав стартап екосистем – во една или во друга форма и може да произведе успешна компанија во рамки на локален или регионален пазар.

Сметате ли дека ФИТР нуди доволно средства за почетен развој на иновативните бизниси во Македонија?

-Постоењето на ФИТР е од особено значење од повеќе аспекти и сметам дека средствата што ги нуди ФИТР се сосема доволни за почеток на еден бизнис во Македонија.

Тука би сакал да акцентирам дека ФИТР е само еден од многуте начини на финансирање за еден стартап и успешните претрпиемачи го знаат тоа.

Колку државата обезбедува услови за развој на младите таленти? Што, според Вас, треба да се подобри?

-Сметам дека не сум доволно компетентен да зборувам за услови за развој на млади таленти затоа што тоа опфаќа повеќе аспекти, но во поглед на претприемништво, успешните основачки на компании сами создаваат услови. На ниту едно место во светот, во ниту еден момент, не постојат идеални услови.

Ние како иноватори, претприемачи и лидери, сме го избрале овој пат затоа што сме спремни и одлучни да навигираме низ предизвиците и да менуваме статус кво.

Кои се предизвиците со кои најчесто се соочуваат лицата кои сакаат да стартуваат свој бизнис?

-Првиот предизвик е како од „сакам да стартувам свој бизнис“ да се стигне до стартување на бизнисот, понатаму, како да се разговара за идејата – локалните претприемачи најчесто се плашат да ги споделат своите идеи пред се затоа што сметаат дека некој ќе ги ископира или дека можеби идејата нема да им се допадне на другите, две тотално погрешни претпоставки.

Постојат и други предизвици како што се преголемата, скоро и религиозна поврзаност со првичната идеја, преголем фокус на развој на продукт без притоа да се разговара со потенцијални купувачи или да се направи минимално истражување на пазарот, фокус на погрешен проблем или креирање на решение за проблем што не постои итн., но претприемачките најчесто се обесхрабруваат на првото „НЕ“ и се плашат да бидат одбиени.

Треба да се разбере дека да бидете одбиени е само дел од процесот. И во текот на развојот на компанијата, но најмногу во почетоците, ќе бидете одбивани од клиенти, од вработени, од инвеститори… затоа сметам дека упорноста и истрајноста се клучни и тие ќе ве движат низ процесот без разлика на предизвиците.

Моментално живеете во Берлин. Што, според Вас, е клучно да се промени во Македонија за младите успешни луѓе да останат во државата?

-Можеби е малце контраинтуитивно, но сметам дека државата треба да ги охрабри младите луѓе да станат успешни онаму каде што тие сметаат дека ќе успеат, било да е тоа студирање во Европа, научно-истражувачка работа во Азија или работа во стартап во Америка; се со надеж дека кога младите луѓе ќе станат успешни, ќе чувствуваат потреба да се вратат и да вратат во општеството кое што им помогнало да бидат подобра верзија од самите себе и да бидат успешни.

Од друга страна пак, физичката локација во денешно време е речиси ирелевантна – светот уште одамна е еден голем пазар за фер конкуренција меѓу претприемачите, компаниите, државите.

С.К.

Поврзани вести

Акику: АЕК е подготвена за отпочнување на постапката со која Скопје до 2023 година ќе биде покриен со 5Г сигнал

Бановски: Инвестициите во нови технологии ги намалија трошоците на производство и ја зголемија безбедноста на работниците

Влатко Зорба

Петрески: Владата да не брза со петти пакет антикризни мерки во услови кога реализацијата на четвртиот пакет не е потполна

Влатко Зорба