Израел ќе се натпреварува на Евровизија во 2026 година, откако членовите на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) одлучија да не гласаат за учеството на земјата на денешниот состанок на генералното собрание на телото, објави Ројтерс.
Од ЕБУ соопштија дека нејзините членови, исто така, ги поддржале предложените измени, за кои велат дека ќе ја вратат довербата, транспарентноста и неутралноста на натпреварот.
„Ова гласање значи дека сите членови на ЕБУ кои сакаат да учествуваат на Песна за Евровизија 2026 и се согласуваат да ги почитуваат новите правила имаат право да учествуваат“, се вели во соопштението на веб-страницата на ЕБУ.
Како што наведуваат од ЕБУ, од присутните што ги претставуваат членовите на ЕБУ било побарано тајно да гласаат дали се доволно задоволни од новите правила и заштитни мерки најавени минатиот месец, без гласање за учество на настанот следната година.
„Огромното мнозинство членови се согласија дека нема потреба од понатамошно гласање за учеството и дека Евровизија 2026 треба да се одржи како што е планирано, со воспоставени дополнителни заштитни мерки“, се истакнува во соопштението.
Сепак, со оваа одлука не биле задоволни некои членови на ЕБУ. Радиодифузерите од Шпанија, Словенија, Холандија и Ирска објавија дека се повлекуваат од натпреварот следната година.
Шпанската радио-телевизија, која е една од членките на таканаречената „големата петорка“, земји кои директно се пласираат во финалето, објави дека нема да учествува на претстојниот избор за Песна на Евровизија, ниту пак ќе го емитува натпреварот.
