Европската унија заостанува во развојот и употребата на вештачка интелигенција, област во која САД се лидери, додека Кина бележи брз напредок, се вели во извештајот на американски тинк-тенк.
Студија спроведена од Фондацијата за информатичка технологија и иновации во Вашингтон Д.Ц., објавена во понеделникот, ја спореди состојбата во тие региони врз основа на 30 параметри, вклучувајќи човечки талент, истражување, комерцијален развој и инвестиции во материјали и софтвер.
Соединетите држави се лидер во оваа област, според извештајот заснован на податоци за 2020 година, со резултат 44,6 поени од вкупно 100.
Тие се во првите редови во клучните области како што се инвестирање во стартапи и финансирање на истражување и развој.
Следи Кина, која со 32 поени напредуваше во повеќе области и минатата година имаше 214 од 500-те најмоќни суперкомпјутери во светот, повеќе од која било друга земја (113 во САД и 91 во Европската унија).
Европската унија собра само 23,3 поени затоа што заостанува кога станува збор за ризичен капитал и капитални инвестиции, но стои подобро кога станува збор за објавување научни написи.
„Кинеската влада ја прогласи вештачката интелигенција за апсолутен приоритет и резултатите се видливи“, рече Даниел Кастро, директор на Центарот за иновации на податоци во тинк-тенкот и главен автор на извештајот.
„Соединетите држави и Европската унија мора да обрнат внимание на она што го прави Кина и да одговорат на тоа, бидејќи земјите што развиваат и користат вештачка интелигенција ќе ја кројат својата иднина и значително ќе ја подобрат нивната економска конкурентност, додека оние што заостануваат зад себе ризикуваат да ја изгубат конкурентноста во клучните индустрии“, истакна тој.
Кина објавила 24.929 научни статии за вештачка интелигенција во 2018 година, според последните податоци, додека 20.418 се објавени во Европската унија и 16.233 во САД, покажува извештајот.
Сепак, „квалитетот на американското истражување е, во просек, секогаш поголем од оној на Кина и Европската унија“, рече Кастро, додавајќи дека САД „остануваат светски лидер во дизајнирање чипови за системи за вештачка интелигенција“.
За да остане конкурентна, Европа мора, се вели во извештајот, да ги зајакне фискалните стимулации за истражување и да развие јавни истражувачки институти на терен.
Што се однесува до Соединетите држави, за да ја задржат својата водечка позиција, тие мора да ја зголемат поддршката за истражување и примена на вештачка интелигенција и да ги удвојат своите напори за развој на талент во земјата, привлекувајќи таленти од целиот свет.