СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Западен Балкан: На Црна Гора ќе и треба најдолг период за економско закрепнување, што е со Македонија?

На Црна Гора ќе и треба најдолг период за економско закрепнување од сите земји во регионот, дури и со услов оваа година да забележи значително закрепнување на туристичката економија, предупредува публикацијата насловена „Глобални економски перспективи“ на Светска банка (СБ) .

Светска банка процени дека црногорската економија има реален пад од 14,9 проценти во 2020 година и дека оваа година може да има раст од 6,1 процент, а во 2022 година раст од 3,9 проценти. Поради минатогодишниот пад, бруто домашниот производ (БДП) сега има пониска основа и ќе мора да порасне за 20 проценти за да се достигне номиналната сума од 2019 година.

Според проекциите за раст од извештајот на Светска банка, тоа може да се случи дури во 2025 година.

Прогнози за регионот

Според проекциите на Светска банка, најбрзо закрепнување ќе има Србија, чија економија лани падна за два проценти, додека во 2021 година се предвидува раст од 3,1 процент, што математички би имал БДП на ниво од 2019 година оваа година.

Економијата на Хрватска, која исто така е во голема мера зависна од туризмот како Црна Гора, минатата година падна за 8,6 проценти, се вели во извештајот. Светска банка очекува дека економијата на оваа земја ќе има раст од 5,4 проценти оваа година, и 4,2 проценти следната година, што би ја вратило на нивото од 2019 година.

БДП на Босна и Херцеговина лани падна за четири проценти, додека, според проекциите на СБ, нејзиниот реален раст годинава би изнесувал 2,8, и 3,5 проценти следната година. Според овие проекции, економијата на Албанија, која минатата година имаше пад од 6,7 проценти, би се опоравила за две години, бидејќи годинава се очекува раст од 5,1 процент, а следната година 4,4 проценти.

До 2023 година, нивото на БДП на С.Македонија може да се врати на нивото пред кризата, бидејќи минатата година имаше пад од 5,1 процент, додека годинава се очекува раст од 3,6, а следната година за 3,5 проценти.

На Косово ќе му требаат три години за номинално закрепнување, бидејќи минатата година имаше економски пад од 8,8 проценти, додека годинава се очекува раст од 3,7 проценти, а следната година за 4,9 проценти.

Светска банка потсетува дека земјите кои се најмногу погодени од пандемијата се оние чии економии се во голема мера зависни од услугите и туризмот, како и оние со силни трговски или финансиски врски со еврозоната, додека економиите базирани на производство и земјоделство ќе бидат помалку погодени и ќе закрепнат побрзо.

Растот може да биде послаб

Во новиот извештај, Светска банка очекува дека заздравувањето на економијата ќе трае подолго отколку во предвидувањата објавени во јуни минатата година.

„Поради заживување на Ковид-19, се предвидува темпото на закрепнување во 2021 година да биде побавно отколку што првично се очекуваше. Сега се очекува дека во 2022 година, ефектите од пандемијата постепено ќе ослабат и заздравувањето на трговијата и инвестициите ќе добие на интензитет. Сепак, тие изгледи се сè уште многу несигурни, а растот може да биде послаб од предвидениот ако пандемијата трае подолго од предвиденото, се заострат условите за надворешно финансирање или ескалираат геополитичките тензии“, се вели во извештајот на Светска банка објавен на 6 јануари.

Институцијата исто така наведува дека сега изгледите за претходно очекуваниот раст во 2021 година се замаглени од наглото зголемување на неизвесноста како резултат на зголемувањето на новите Ковид случаи, „што придонесе за социјални немири во некои земји, како и ризик од ескалација на геополитичките тензии“.

„Неколку земји од еврозоната беа принудени да воспостават ограничувања на движењето и работата низ целата земја, што може да ја ослабне надворешната побарувачка во Европа и Централна Азија, како и да предизвика пад на потрошувачката и инвестициите. Ако продолжи падот на патувањата, резултатите од растот може да бидат многу послаби, особено во економиите кои зависат од туризмот. Доцнењата во производството, набавката или дистрибуцијата на вакцини против Ковид-19, пониската ефикасност на вакцините или продолжените ограничувања поврзани со пандемијата, исто така, може да го одложат закрепнувањето на економијата“, соопшти Светска банка.

Користење на парите од европскиот план за инвестиции

Во публикацијата, Светска банка објасни дека поради растечките фискални обврски во регионот, земјите имаат намален простор за фискална поддршка и дека државните буџети дополнително ќе се „растегнуваат“ со потребните дополнителни исплати за борба против корона-кризата.

„Се очекува регионот да има корист заради неодамна усвоениот економски-инвестициски план што ќе мобилизира пари за поддршка на одржливо поврзување, дигитална економија, човечки капитал, зелена и дигитална транзиција …“, проценува Светска банка

На крајот на октомври, ЕУ усвои економски-инвестициски план за Западен Балкан со цел забрзување на долгорочното економско закрепнување на регионот, кој вклучува значителен инвестициски пакет што ќе мобилизира до девет милијарди евра за регионот. Владите треба да подготват проекти за учество во овој план за инвестиции.

Поврзани вести

Прогноза на Европска банка: Македонскиот БДП ќе падне за 3,5 проценти, во 2021 се очекува раст од 5,5 проценти

Освен за локалите, казни и за музичарите и гостите, бараат од Независната угостителска комора

Бектеши: Иднината на Западен Балкан е во создавањето заеднички регионален пазар

Влатко Зорба