СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Бесими за МИА: Иновативни решенија за фискална консолидација и финансирање на економско заздравување и раст

Одговор на новата ситуација предизвикана од ковид-кризата треба да даде Планот за финансирање на заздравувањето и забрзување на економскиот раст. Целта е да ги зголемиме вкупните инвестиции во економијата, заздравување и забрзување на растот, а притоа да останеме на планот на фискална консолидација преку нови форми на финансирање кои ќе го активираат и приватниот капитал. Поддршка имаме и од меѓународните финансиски институции кои впрочем поттикнуваат нови финансиски извори и инструменти во насока на задржување на стабилноста на јавниот долг.

Ова во интервју за МИА го истакнува министерот за финансии Фатмир Бесими, кој вели дека главната поента на планот е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање, да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од четири милијарди евра за период 2021-2025, да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор.

-Со тоа, оценува, неколкукратно ќе се зголемат вкупните инвестиции во економијата и ќе се придонесе кон дополнително забрзување на растот на бруто домашниот производ и креирањето на нови работни места. Планот особено ќе поддржува еколошки и климатски проекти, иновации, како и иницијативи за поправедно општество.

Во интервјуто тој говори и за реализацијата на капиталните инветиции по завршување на првиот квартал и влијанието на новиот КАПЕФ механизам, според кој се наградуваат оние кои прават поголема реализација, а предвидена е казна за оние кои нема да ги реализираат инвестициите.

– Годинава првпат во Законот за извршување на буџетот, имаме механизам кој ја мери реализацијата на капиталните проекти и предвидува корективни активности. КАПЕФ механизмот ги следи капиталните инвестиции по буџетски корисник и ги казнува oние кои имаат потфрлања, така што им се одземаат средствата кои не ги искористиле. Согласно овој механизам, утврдени се прагови од 15 отсто за првото, 40 отсто за второто и 65 отсто до третото тримесечје за реализација на планираните капитални расхoди по буџетски корисник. Оние буџетски корисници кои се под овие прагови, средствата им се резервираат средствата и истите нема да можат да ги користат, истакнува министерот за финансии.

Според Бесими гледано од аспект на реализацијата на капиталните расходи во првиот квартал од 2021 година, овој механизам дава резултати. Реализацијата на капиталните расходи во првото тримесечје, како што наведе, е 16,6 отсто или за 1,6 процентни поени повеќе во однос на прагот кој е даден со КАПЕФ.

Во интервјуто говори за економските резултати и наведува дека согласно економските движења во првото тримесечје, се наоѓаме во основното сценарио, односно очекувањата се дека 2021 година ќе биде година на заздравување и враќање на патеката на економски раст.

Министерот за финансии најавува дека во текот на следната недела како дел од даночната реформа ќе биде презентиран Календарот на даночна регулатива, кој е нова алатка за транспареност и предвидливост, преку која јавноста ќе има увид кои законски измени или нови закони ќе се носат во текот на годината во делот на даночната регулатива.

-Започнуваме процес на креирање поголема предвидливост, така што сите измени во даночната регулатива ќе се ставаат во примена од 1 јануари или по исклучок 1 јуни, со цел да има најмалку шест месеци од усвојување на законот од страна на Владата до негова примена, истакна министерот Бесими.

Поврзани вести

Азески: Преку заеднички проекти до 1,5 милијарди долари трговска размена

Влатко Зорба

Заев: Сите граѓани кои беа обесправени со новиот пакет ќе добијат помош

Берта Китинска

Ангеловска – Бежоска: Финансиските средства од ММФ ќе помогнат за ублажување на негативните ефекти за нашата економија

Влатко Зорба