Во година кога компаниите се бореа за гол опстанок, „Макстил“ постигна едни од најдобрите резултати, а успеа да добие и А интегрирана еколошка дозвола.
„Во текот на годината бевме предмет на многу инспекциски надзори во чии записници не се констатирани ни најмали отстапувања од дозволените гранични вредности“, изјави за „Стандард“ директорот Иван Бановски.
Токму во период на пандемија од коронавирус, беше „собран“ и плодот од вложените 17 милиони евра во инвестиции поврзани со безбедност при работа и нови проекти и тоа преку зголемен број вработени и повисоки месечни примања.
Компанијата активно учествуваше во одржување на економската активност во државата носејќи се со сите предвизици што доаѓаа од пазарите во ЕУ и Турција.
„За среќа проблемите со транспортот и логистиката при увоз на суровини и извоз на готови производи беше помогната од Македонски Железници како и од страна на Царинската Управа кои преку контакти со нивните колеги од регионот, овозможуваа нормален проток на производите“, додава Бановски.
Ако 2020 година беше година на невидена криза особено на економски план тогаш со сигурност може да се каже дека неизвесноста ќе продолжи и во 2021 година, и веројатно уште неколку по неа. По што ќе ја паметите изминатава година? Дали во ваква тешка година вашата компанија користеше некоја од мерките и како успеавте да се реорганизирате за да ги ублажите последиците?
– Како компанија сметаме дека имавме многу активно учество во одржувањето на економската активност во државата притоа носејќи се со сите предизвици кои доаѓаа од нашите главни пазари а тоа се земјите од Европска Унија и Турција. Многукратните рестрикции на слободното движење на стоките беа вистински предизвик за нас како компанија, но благодарение на поддршката на нашата групација „Duferco International Trading Holding“ успеавме оваа година да одиме напред, да го зголемиме бројот на вработени, да ги зголемиме месечните примања во компанијата преку разни иницијативи поврзани со безбедноста и личната заштита при работа како и да инвестираме во континуитет во нова опрема и проекти поврзани со поекономично работење. Изминатава година имавме одлична соработка со државните институции, со една напомена дека уредбите за доделување на државна помош ги исклучуваа производителите на челик во државата, а сите знаеме дека „Макстил“ е единствен производител на челик. Со тоа, бевме исклучени од државната помош за справување со последиците од пандемијата.
Дали сте оптимист во оценките дека догодина економијата ќе застане на здрави нозе? Можно ли е такво нешто ако се знае со какви бројки ја завршивме годинава, со илјадници загубени работни места, пропаднати зделки, осиромашен народ?
– Апсолутно сме уверени дека следат подобри времиња во наредната година но сепак со доза на претпазливост ќе ја следиме борбата со пандемијата во земјата, но и на целиот континент бидејќи видовме дека сите ние и мали и големи подеднакво бевме засегнати. Инвестициите кои како компанија ги спроведувавме во минатата година очекуваме да ги дадат очекуваните подобрени перформанси во нашето работење, а со тоа како еден од најголемите чинители во државата ќе значи голем стимул за домашните добавувачи бидејќи според некои научни истражувања 1 евро кое се троши во металургијата се мултиплицира до осум пати. Тоа значи дека имаме огромен економски мултипликатор во нашата индустрија.
Колку Ковид кризата ги погоди извозните компании? Дали од инвестирање во модернизација, овие компании се најдоа во ситуација да изнаоѓаат начини како да ги задржат работните места и да ја одржат конкурентноста?
– Во услови кога секоја држава во регионот и во ЕУ наметна свои правила и принципи околу движењето на стоките и луѓето неминовно тоа значеше блокада на извозот од нашата држава. Пазарите преку ноќ се затворија и со тоа економската активност беше сериозно намалена, но во бизнисот како и во животот мора да се прилагодите на околностите и да барате начин како да се прилагодите на новата ситуација. За среќа нашите проблеми околу транспортот и логистиката при увоз на суровини и извоз на готови производи беше помогната од „Македонски Железници“ како и од страна на Царинската Управа кои неуморно преку нивните контакти со нивните колеги од регионот овозможуваа соодветен нормален проток на производите.
Следејки ги финансиските резултати може да се увиди дека вашата компанија и во долгава криза работела успешно. Како успеавте во услови кога неколку месеци не работеа цели погони, а во други печките беа вклучени по само 15-тина дена, да остварите најдобри резултати во последните 3 години?
– „Макстил“ како компанија има речиси 1.000 вработени, создава околу 1 % од националниот БДП и учествува во нето извозот на државата со 5%. Во изминатите 3 години влеговме во еден долгорочен и сериозен инвестициски циклус чија вредност до денес надминува 17 милиони евра. Инвестициите се однесуваат на нови модерни технологии кои значително ги намалија нашите трошоци на производство и ја зголемија безбедноста при работа на нашите вработени. Овие инвестиции ќе продолжат и во наредните 5 години согласно насоките од „DITH“ при што очекуваме да постигнеме уште подобри перформанси. Во услови кога продажните цени беа под голем притисок за нивно намалување, со правилната политика во делот на набавките успеавме да ги оптимизираме паричните приливи и одливи и да ги искористиме сите шанси кои се појавија во текот на 2020 година.
И во 2020 година бевте на радарот на инспекциските служби кои вршеа и редовни и вонредни надзори во делот на примена на мерките за заштита на животната средина. По честите критики во јавноста дека го загадувате воздухот во Скопје, успеавте да дојдете до ниво на емисиии на штетни честички под дозволеното и со тоа да станете пример кој треба да се следи…
– „Макстил“ е компанија која доследно ги следи сите закони и насоки од државата за заштита на животната средина. Од моментот на поставување на филтерската постројка на погонот челичарница во 2015-та година нивото на емисии во воздухот е континуирано под законските и вредностите од нашата „А“ интегрирана дозвола, која беше потврдена во септември минатата година. Во текот на годината бевме предмет на многу инспекциски надзори во чии записници не се констатирани ни најмали отстапувања од дозволените гранични вредности согласно дозволата. Започнавме и со јавно објавување на податоците бидејќи транспарентоста треба да биде клучна во работата на компаниите кога станува збор за зачувување на животната средина. Се надеваме дека одговорните во државата ќе успеат да ги утврдат сите учесници во загадувањето на амбиенталниот воздух и ќе првземат мерки за отстранување на истото.
К.В.С.