СТАНДАРД life
ПРЕТПРИЕМАЧ

Јосифовски: Единствен бенефит од „to go“ е што вработените наместо да седат дома, дремат во угостителските објекти

Угостителите тонат во долгови и кредити, немаат веќе услови, можности и начини за задолжувања со цел да ги премостат или одложат финансиските проблеми во кои се наоѓаат, односно да обезбедат финасиски средства за исплата на плати на вработените, доведени се до многу полоша работа од договорно отпуштање на работниците, а тоа е рационализација и задржување на вработените и неможност на исплаќање на плати и надоместоци кои им следуваат согласно законските обврски од тоа што се редовно пријавени во АВРМ со што само би се создале непотребни и дополнителни проблеми заради генерирањето финансиски обврски од неработењето, вели во интервјуто за „Стандард“ претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски.

Според него доцнењето на последниот петти сет мерки како и драстично намалените приходи како последица на енормниот број на заразени со Ковид-19 допринело да се зголеми стравот и неизвесноста на оваа индустрија за наредниот период.

Првиот човек на НУК, вели дека сега кога се затворени повторно за работа со гости сите угостителски објекти имаат дозвола да можат да прават шалтерска продажба и достава на пијалоци и храна, но тој напоменува дека нашата култура за „to go“ начинот на работа е далеку од културата во другите земји

– Единствен бенефит од оваа можност е што вработените наместо да седат дома дремат во угостителските објекти чекајќи и во надеж дека некој ќе се јави или помине да нарача и купи пијалок или храна за “to go” или достава, објаснува тој.

Угостителскиот сектор откако почна пандемијата е еден од најзагрозените. Неколку пати се соочувавте со затворање и отворање на објектите, скратување на работно време. Колку угостителите успеаја да се справат со сите предизвици во оваа корона-криза?

-Со секоја нова рестрикција на работното време или забрана за прием на гости угостителите од ден во ден се потешко се справуваат со проблемите, штетите и загубите што се случуваат како последица на овие селективни мерки. Доцнењето на последниот петти сет мерки како и драстично намалените приходи како последица на енормниот број на заразени со вирусот Ковид-19 допринесе да се зголеми стравот и неизвесноста на оваа индустрија во наредниот период. Денес навистина е сериозен предизвик на секој угостител како да го одржи во функција угостителскиот објект, да ги задржи и исплати на време вработените и навреме да ги подмирува трошоците и загубите од тековното работење.

Шалтерскиот систем овој пат не важи само за угостителските објекти кои подготвуваат храна. Која е вашата порака до оние кафетерии или ресторани кои сакааат да се прилагодат на овој начин на работа?

-За разлика од времето на претходните рестриктивни мерки кога угостителските објекти беа целосно затворени и беше дозволено да работат шалтерски или со достава исклучиво оние локали кои беа оператори со храна, овој пат по брзата реакција и укажување на НУК наидовме на разбирање на највисоко ниво од Владата и оваа неправда беше исправена со што за време траење на последната рестриктивна мерка кога се затворија повторно за работа со гости сите угостителски објекти се дозволи на сите угостители да можат да прават шалтерска продажба и достава на пијалоци и храна.

За жал постои заблуда дека со оваа мерка сите угостителите ќе можат да работат и создаваат приходи со кои ќе покриваат некакви трошоци. Комората даде препорака на сите оние кои немаат искуство за овој начин на работење да не се впуштаат во експерименти и прилагодуваат своите објекти и вработени затоа што истите наместо да генерираат приходи ќе направат само дополнителни загуби и штети на своите објекти.

Дали „to go“ начинот на работа може да ги покрие барем основните трошоци?

-Нашата култура за „to go“ начинот на работа е далеку од културата во другите земји каде луѓето навистина немаат време и е ова прифатен како еден од начините на функционирање на некои угостителски објекти кои се организирани за овој начин на работа. Ние како средина многу повеќе сме наклонети кон социјализација со посета на угостителски објекти каде максимално уживаме во моментите на дружење за време на кафе пауза или службен ручек или вечера со најблиските.

Во момент кога сите угостителски објекти пробуваат да ги спасат своите бизниси и сакаат да се потпрат на овој начин на работа мислејќи дека со оваа мерка ќе можат да работат и остварат доволно приходи всушност само им наштетуваат на оние кои се специјализирани за овој вид на угостителска дејност. Единствен бенефит од оваа можност е што вработените наместо да седат дома дремат во угостителските објекти чекајќи и во надеж дека некој ќе се јави или помине да нарача и купи пијалок или храна за “to go” или достава.

Ова е второ затворање на угостителските објекти. Првиот пат беше пракса да се задржи секое работно место. Има ли некаков план како сега да ги покриете трошоците, а да не се изгубат работните места?

-За време на донесувањето и траењето на било која од претходнинте донесени рестриктивни мерки кога препорака беше угостителите да прават рационализација на трошоци и да вложат напори на секој начин да пробаат да ги задржат во што поголем број своите вработени овој пат несигурни во времетраењето на донесените мерки, како и во исполнување на ветените и реалните мерки за финансиска помош и поддршка, многумина наши колеги наместо рационализација ќе се одлучат договорно со вработените да ги раскинат работните односи. Ова е последица и на причината што ветените мерки за субвенции од последниот т.н. петти пакет мерки кој требаше да биде само за угостителите како одговор на донесените новогодишни рестриктивни мерки доцни веќе со месеци.

Со оглед дека угостителите тонат во долгови и кредити, немањето веќе услови, можности и начини за задолжувања со цел да ги премостат или одложат финансиските проблеми во кои се наоѓаат, односно да обезбедат финасиски средства за исплата на плати на вработените, доведени се до многу полоша работа од договорно отпуштање на работниците, а тоа е рационализација и задржување на вработените и неможност на исплаќање на плати и надоместоци кои им следуваат согласно законските обврски од тоа што се редовно пријавени во АВРМ со што само би се создале непотребни и дополнителни проблеми нив заради генерирањето финансиски обврски од неработењето.

Дали имате податоци досега колку вработени за време на корона-кризата се отпуштени и колку угостителски објекти се затворени?

-Како и сите останати точните информациите за тоа колку и во кои временски период се отпуштени вработени од угостителската индустрија води Агенцијата за вработување. Согласно објавените бројки сметаме дека најмалку 10.000 лица во изминтиот период за време на пандемијата Ковид-19 кои работеле во угостителскиот сектор останале без своите редовни примања. Во однос на тоа колку угостителски објекти се затворени немаме точни информации бидејќи немаме единствен регистар на угостителски објекти од каде би можеле да добиеме точна информација. Некои претпоставени бројки врз основ на дискусии со добавувачите е дека најмалку 10% од постојните угостителски објекти се затворени или ги смениле своите сопственици, а очекуваме таа бројка доколку оваа индустрија не се врати скоро во нормала во текот на годината најмалку дупло да се зголеми.

Очекувате ли помош од државата за да се рестартира овој сектор откако ќе биде дозволено да се работи?

– За разлика од претходните начини кога веднаш доставувавме барања за неповратна финансиска помош и поддршка и проценка на штети и загуби кои ги трпевме како последица на носењето на рестриктивните мерки во угостителската индустрија овој пат побаравме од Владата да го примени моделот на помош кој го направи нашиот сосед Грција, а тоа е финансиска неповратна помош во вид на грант за рестартирање на секој угостителски објект по престанокот на важење на рестриктивните мерки со кои сме затворени односно ни е забранета работа со послужување на гости во угостителските објекти. Како и претходните пати соодветна реална помош не очекуваме она што сме сведоци повторно се празните ветувања со кои само се одолговлекуваат сите можни начини за вистинска и реална помош на угостителската индустрија

Министерството за економија најави грантови за угостителите. Дали Вашата комора вашиот здружение беше консултирана околу оваа одлука и колку овој грант ќе помогне во оваа состојба?

-Ниту во предлагањето, ниту во дискусиите и одлуките НУК како комора не беше учесник ниту на било кој начин вклучена и консултирана околу мерките најавени преку медиумита за финансиска помош преку т.н. грантови за угостителите. Апсурдно е доколку оваа мерка се реализира на предложениот начин во кој основа за пресметка на просек за исплата би се земал период на последните 3 месеци јануари-март 2021 година, период кога не работиме односно период кога не само што сме ограничени со посебни протоколи за работа туку ни е ограничено и работно време. Доколку Владата веќе сака да примени еден ваков модел на надомест на штети, загуби и даде реален придонес во донесување на очекувана и неопходна мерка за угостителите тогаш во овие пресметки нека го земат периодот јануари-март 2019 година во кој период угостителските објекти работеа нормално и остваруваа комерцијални приходи од својата дејност.

Засега локалите ќе бидат затворени до 20 април.Велите дека сте подготвени ако е потребно угостителските објекти да бидат затворени на месец или два додека не се намали бројот на заразени со ковид 19, а меѓувреме барате од Комисијата за заразни болести да донесе протоколи соодветни за да се отворат сите дејности од вашата индустрија. Дали угостителите веќе имаат свои предлози за тоа како би функционирале откако би се отвориле кафеаните или оваа задача ќе ја оставите на КЗБ?

– Точно е дека не само што бараме туку и очекуваме од Комисијата за заразни болести да изработат и донесат стратешки и унифицирани препораки и протоколи за работа на целокупната угостителска индустрија по завршувањето на оваа рестриктивна мерка. Ние уште во септември 2020 година до претседателот и сите членови на Комисијата за заразни болести, вклучувајќи го и Министерството за здравство и Владата доставивме и јавно ги објавивме предлозите за усогласување на препораките и протоколите за работа на угостителските објекти усогласени со важечките препораки на Светската здравствена организација. Со овие предлози на унифицирани препораки и протоколи беа опфатени сите начини работа на сите угостителски сектори со што во случај на нивно усвојување или имплементација ќе можеше рамноправно да им се дозволи согласно актуелната здравствена ситуација непречена работа на угостителските објекти во услови на пандемијата Ковид-19.

Неодамна изјавивте дека до Владата имате предложено мерка данок 0 посто. Што поконкретно значи оваа мерка и на кој начин ќе им помогне на угостителите? Дали предлогот наиде на разбирање од страна на властите?

– На првата и последна јануарска средба од ветените месечни средби со вицепремиерот за економски прашања од страна на Независната угостителска комора беше предложена и побарана мерка од 0% за угостителската индустрија за цела 2021 година да биде вклучена во 5тиот сет мерки. Со оваа мерка би се овозможила рамноправност на сите угостители да од своето тековно работење прикажат што поголеми приходи како би можеле да добијат поголема помош и поддршка од државата по основ на поврат на платениот данок. Оваа мерката гледајќи краткорочно немаше да даде брзи резултати, но гледајќи ја на годишно ниво и те како позитивно и рамноправно ќе допринесеше и создадеше дополнителна финансиска помош на сите угостители кои работат согласно важечките законски прописи и ги евидентираат во целост званично своите приходи.

За жал од страна на претставникот на Владата не само што не наидовме на разбирање туку од нас беше побарано да дадеме пример во земја каде е ова направено и применето на кое укажавме дека не треба да бидеме „копи-пејсте“ држава во изработка и примена на мерки за помош и поддршка на угостителската индустрија туку со воведувањето на оваа мерка да станеме пример и лидер држава во изнаоѓање на нови и иновативни начини на финансиска помош и поддршка кои нема да направат задолжување или друг импакт во фискалната политика на државата.

Дали угостителите треба да бидат меѓу приоритетните за вакцинација, со цел да се отвори побрзо индустријата?

-Во однос на тоа дали треба угостителите и угостителските работници заедно со целокупниот туристички сектор да бидат на приоритетни листи за вакцинација го дознавме ставот на Министерот за здравство по основ на ова барање кое беше доставено од Хотам дека во ниеден момент ниту се разгледувало ниту има услови да бидат ставени на приоритетни листи за вакцинација.

Независната угостителска комора е единствената комора која успеа независно да организира вакцинација на сите заинтересирани угостители и туристичко угостителски работници во соседна Србија.

Факт е и дека и ден денес на разни начини и канали бараме посебно и независно да обезбедиме вакцини за целокупната угостителска индустирја не само во Македонија туку и преку директни конткатки со производителите или Владите од соседните земји.

Пред неколку дена потпишавте меморандум со Министерството за економија за добивање овластување за издавање на сертификати “SAFE TRAVELS” Што конкретно ќе значи овој сертификат и кои услови ќе треба да ги исполнуваат угостителите за да го добијат истиот?

– НУК е првата комора која го потпиша Меморандумот за соработка во областа на туризмот со министерството за економија за добивање овластување на издавање на сертификатите “SAFE TRAVELS”. Во очекување сме во меѓувреме да започнат обуките преку Швајцарска амбасада за издавање на овие сертификати и печати.

Со цел да формираме НЕЗАВИСЕН МАКЕДОНСКИ ИДЕНТИТЕТ ЗА ЧИСТ И БЕЗБЕДЕН ПРЕСТОЈ ВО УГОСТИТЕЛСКИТЕ ОБЈЕКТИ во партнерство со македонските здруженија КЛУБ ЕСНАФ од Битола, ПРИЛЕПСКИ МЕАНЏИИ од Прилеп, ОХРИДСКИ ЕСНАФ од Охрид, ТИКВЕШКИ УГОСТИТЕЛИ од Кавадарци, АНТИГОНЕА од Неготино, Здружението за унапредување на ноќен живот НОЌНИ КЛУБОВИ од Штип, Платформа за развој на туризмот “FEELKRUSEVO” составена од три Крушевски здруженија развивме и од 14-ти април званично започнавме со кампањата “ЧИСТО И БЕЗБЕДНО” чија задача и цел е да се направи уникатна, препознатлива ознака – бренд за угостителските објекти (хотели, ресторани и останати угостителски објекти за сместување и исхрана), врз основ на која постојните и потенцијалните домашни и странски гости би ги распознавале како објектите во кои се нудат чисти и безбедни услови за престој и одмор во кои објекти целосно се применуваат и почитуваат сите мерки, препораки и протоколи за работа за превенција и заштита во ширењето на вирусот Ковид-19.

Сертификатот „ЧИСТО И БЕЗБЕДНО” им овозможува на угостителите кои ги исполнуваат стандардите за добивање да поседуваат алатка која ќе ги класифицира како сигурни угостителски објекти за сите туристички активности, нудејки гаранција за домашните и странските туристи кои го одбрале тој објект и таа дестинација за својот престој или годишен одмор. Сертификат и печат се добива врз основ на посета и проверка на условите направено согласно поднесено барање – апликација на угостителскиот објект и е со важност од 6 месеци. Сертификацијата и правото на користење на логото и печатот за членките на НЕЗАВИСНАТА УГОСТИТЕЛСКА КОМОРА е без надоместок.

Б.М.

Поврзани вести

Крстевски: Најважно е да имаме клиенти кои се вакцинирани за да можат да патуваат

Влатко Зорба

Петров: Мора макотрпно и брзо да работиме на имплементирање на глобалните трендови

Влатко Зорба

Јаневски: Пандемијата ги покажа слабите страни на македонскиот туристички сектор

Влатко Зорба