СТАНДАРД life
АНАЛИЗИ

Ќе заврши ли подемот на Игрите во 2021 година?

Иако повеќето компании се разбирливо задоволни што го гледаат изминувањето на 2020 година, компаниите за видео игри може да имаат измешани чувства, пишува Ден Галагер за „Волстрит журнал“.

Пандемијата на коронавирус е непобитен благодет за гејминг индустријата. Ограничувањата што ги натераа сите да останат дома и што доведоа до прекин на другите форми на забава донесоа особено добра година за овој сектор. Шест од најголемите издавачи на игри се очекува да пријават комбинирани приходи од 24 милијарди долари за календарската година, или 19% повеќе од година порано, според консензуалната прогноза составена од FactSet. Приходите на истата група на компании се намалија за скоро 3% во 2019 година.

Овие бројки не ја вклучуваат продажбата на новите конзоли Xbox и PlayStation, кои се појавија на пазарот во почетокот на ноември и сè уште се тешки за наоѓање поради огромната побарувачка. Другите производители на гејмерски хардвер исто така имаат корист од „треската“. „Turtle Beach“, која произведува додатоци како специјални слушалки за гејмери, објави 71% раст на приходите за една година на 227 милиони долари за девет месеци до септември. Неодамна, „Corsair Gaming“, кој прави персонални компјутери и лаптопи за игри, како и други сродни додатоци, забележа скок од приходите од 54% на 1,2 милијарди долари за истиот период.

За развивачите на игри, моменталниот бум на продажбата е извонреден, со оглед на влијанието на пандемијата врз циклусот на развој на играта. Неколку големи наслови беа одложени во 2020 година, поради предизвиците што ги носи работата од дистанца. Оваа листа ја вклучува новата игра од франшизата „Call of Duty“ на „Activision Blizzard“. Играта „Black Ops Cold War“ беше пуштена неколку недели подоцна од вообичаеното и доби најниска оценка од критичарите за игра од франшизата по повеќе од една деценија. Но, аналитичарот од „Cowen“, Даг Кројц вели дека играта сепак може да достигне 20 милиони продадени единици.

Аналитичарите предвидуваат дека издавачката дејност на Activision ќе објави раст од 74% на нето продажбата за 2020 година на скоро 3,9 милијарди американски долари, според „FactSet“.

Дури и неуспесите во 2020 година беа релативни. На 22 декември, полската компанија „CD Projekt“ објави дека продала над 13 милиони копии од својата проблематична игра „Cyberpunk 2077“ од нејзината премиера на 10 декември. Тоа е далеку под предвидувањата од 18 до 25 милиони што ги очекува аналитичарот Кен Рамф од „Jefferies Wall Street“. Но, податоците не се лоши за игра полна со грешки, а „Sony“ ја отстрани и од својата онлајн продавница. Како јапонската компанија така и Microsoft им се придружија на трговците, за да им понудат враќање н апарите на незадоволните играчи. Аналитичарите сè уште очекуваат CD Projekt да објави приход од околу 672 милиони долари за 2020 година – повеќе од пет пати повеќе од износот за претходната година, според FactSet.

Но, како и другите индустрии кои беа поддржани од пандемијата, индустријата за видео игри се соочува со прашањето како ќе изгледа бизнисот во 2021 година, кога се очекува масовната вакцинација полека да започне да ги враќа работите во нормала. Брајан Новак од Morgan Stanley на 22 декември напиша дека пандемијата „веројатно отишла напред за четири години во привлекувањето на гејмери“, што значи дека растот ќе зависи од способноста на компаниите да пуштаат атрактивни игри.

Секако, на развивачите може да им помогне дополнителното таргетирање на новите конзоли Xbox и PlayStation, што ќе ја зголеми побарувачката за игри што ги покажуваат можностите на овие уреди.

Activision и Electronic Arts – двајца од најголемите развивачи во однос на годишните приходи, се очекува да забележат раст на приходите од 7% и 8%, во календарската 2021 година, соодветно, со најмалку две нови игри од Activision и нова „Battlefield“ од EA.

Брзината на отворање на економиите во различни земји исто така ќе биде фактор од кој ќе зависат перформансите на индустријата оваа година. Блокадите и другите ограничувања веројатно ќе останат на сила во текот на зимата, со оглед на неодамнешниот скок во случаите на Ковид-19, додека повторното отворање на местата за забава, кои нудат филмови, концерти и тематски паркови кои се натпреваруваат за слободното време и парите на потрошувачите, најверојатно ќе се случат многу подоцна.

Но, како што се појавуваат повеќе можности за забава на повидок и повеќе луѓе се враќаат во канцелариите, индустријата за игри ќе мора да се бори со фактот дека таа не е единствената привлечна понуда на пазарот.

Поврзани вести

Новиот капитализам: Нова парадигма или нов ПР?

msp-admin

Русија ја засилува својата економска експанзија во Африка

msp-admin

Економиите од кои најмногу се очекуваше, лошо одговорија на кризата – Оваа листа ќе ве изненади

msp-admin