Американската Национална управа за безбедност во сообраќајот на патиштата (NHTSA) побара од Tesla да повлече околу 158 000 автомобили Model S и Model X поради ризик од оштетување на големите дисплеи во вовозилата, се вели во официјалното соопштение на агенцијата.
Неисправностите на таканаречените „единици за медиумска контрола“ можат да му го одземат пристапот на сопственикот до резервната камера на автомобилот, системот за контрола на климата и системот за помош на возачот (автоматскиот пилот на Tesla), зголемувајќи го ризикот од несреќа, објави „The Verge“.
Дефектот што NHTSA сака Tesla да го отстрани е оштетувањето на мемориските чипови што се користат во дисплеите на седаните Model S 2012-2018 и SUV Model X 2016-2018. Секој пат кога возачот ќе го вклучи автомобилот, се „јаде“ капацитетот на 8-гигабајтниот чип eMMC NAND во процесорската плоча Nvidia Tegra 3, кој ги напојува дисплеите. Кога ќе се достигне овој капацитет – обично околу пет до шест години подоцна, дисплеите стануваат речиси неупотребливи. „Motherboard“ првпат го пријави проблемот во 2019 година.
Tesla потврди за NHTSA дека сите единици со овој чип „неизбежно ќе пропаднат“, а исто така обезбеди и статистички модел кој покажува проценети неделни поправки што траат од 2020 до 2028 година, а најголемата штета се очекува во 2022 година.
Во исто време, NHTSA започна официјална истрага за проблемот во јуни минатата година и во средата рече дека таа сè уште трае, и покрај барањето на Tesla да ги повлече автомобилите од пазарот за поправки. Не е јасно дали компанијата на Елон Маск ќе се придржува до барањата на агенцијата. Компанијата сè уште не ја коментирала новонастанатата состојба.
NHTSA признава дека Tesla објави ажурирања на софтверот дизајниран да го ублажи проблемот, но агенцијата смета дека тоа не е доволно – особено затоа што дефектот спречува пристап до резервната камера. „Овие надградби се процедурални и во суштина се недоволни“, велат од агенцијата.
Tesla промовира употреба на големи екрани на допир во своите автомобили, но компанијата има повеќе од еден проблем со претходните модели. Покрај дефектот на флеш меморијата, што е основа на барањето на NHTSA да ги повлече автомобилите од пазарот за поправки, првите дисплеи на Tesla страдаат и од меури и жолти ленти, бидејќи не ги исполнуваат типичните автомобилски стандарди.