СТАНДАРД life
ПРЕТПРИЕМАЧ

Миленковска: Многу граѓани, предводени од нивните политичари, не сакаат работите да се променат на подобро

Државата треба да предводи функционален систем, за да се обезбедат реални и потикнувачки услови за сите деца и млади, вели Сара Миленковска, политологот, активист и коосновачка на „Стела Менторска Мрежа“ во интервју за „Стандард“.

Вистинските услови, според неа, треба да почнат уште од самиот старт на развивање на младите таленти, односно во едукативниот процес.

Смета дека високото образование во Македонија, се уште е во голема криза.

– Како да забораваме дека студентските протестите во 2014-2015, не беа само критика кон контровезниот Закон за Високо Образование, туку и кон системското занемарување на науката и универзитетите, вели таа.

На прашањето што треба да се промени за да се сопре масовното заминување на младите од земјата и дали доволни се само повисоки плати, Миленковска смета дека високите плати не би ги променило „воздухот кој го дишеме, корупцијата како валута за фунционирање, недостатокот за можности“.

– Во нашата држава недостига солидарност како концепт, заедно со владеење на правото и некаква идеја за слобода. Младите само сакаат да живеат нормални животи и да можат да се себереализираат. Иако сум голем поборник за тоа активно, на секој можен начин да се потрудиме да ги средиме работите дома, сепак одминува времето на идеализирање и се повеќе се соочувам како млада личност, дека едноставно многу од нашите граѓани, предводени од нивните политичари, не сакаат свесно да се променат работите на подобро, истакнува таа.

За воведувањето на медиумска писменост во образованието, Миленковска посочува дека освен што создава можност да ги едуцира младите како да се инокулираат од лажни вести и пропаганда, тоа креира можност и за нивно критичко размислување.

-Ако сакаме да имаме здраво општество, мора да постојат форми во едукацијата кои охрабруваат констурктивна критика и разбирање на проблемите претставени во медиумите, вели Миленковска за „Стандард“.

Од каде потекна инспирацијата да се креира апликацијата „Биди безбедна“?

-УНДП заедно со Министерство за труд и социјална политика и со граѓанските здруженија што работат на родова еднаквост и се борат против родовобазирано насилство, ја креираат апликација „Биди безбедна“, достапна на македонски, албански и ромски. Моето учество е само во насока на подигање на свест околу оваа апликација и запознавање повеќе на јавноста со неа. Институционалното справување со родовобазирано насилство, отсекогаш претставувало проблем, особено сега за време на ковид-кризата.

Едни од клучните препораки во однос на Ковид-19, беа активно информирање на локално ниво и овозможување пристап до сите важни информации за жртвите од родово базирано насилство и доплнителна поддршка како креирање на онлајн апликација, кое во Црна Гора се покажа како успешен начин за справување со родово базирано насилство за време на Ковид-19. Оваа апликација е само еден чекор од целосното справување кое мора да биде направено системски и спроведено без компромис. А, новиот закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство ги проширува дефинициите за насислтво и воведува нови мерки за заштита и превенција.

Што е целта на апликацијата „Биди безбедна“?

-Оваа апликација е создадена со цел да се овозможи соодветна реакција од институциите во случај на опасност. Преку „Биди Безбедна“, личноста која се наоѓа во опасност може во истиот момент да се дејствува преку две главни опции: да побара Помош преку Националната СОС-линија и/или т.н. Моја поддршка, каде што личноста има избрано близок круг на пријатели и лица за поддршка. Преку активирање на тие опции, апликацијата ја испраќа локација заедно со краток текст до надлежните институции и/или личноста по избор.

Останатите фукнционалности се од едукативен карактер и нудат информативна поддршка, со јасни инструкции како да се стапи во контакт со организации и институции кои можат да помогнат во различни ситуации – како од справувањето со насилството, така и од правен и од социјалнен аспект. Дополнително има функционалности како Моите права, каде може да се запознае личноста со своите права, совети со практични насоки за спречување насислтво итн, протокол и лични сведоштва на жртви на насилство.

Наиде ли „Биди безбедна“ на интерес кај домашната јавност? Имате ли информација дали апликацијата досега помогнала на лице кое било во опасност?

-Податоците се анонимни и не се споделуваат со цел да се заштитат жртвите, така да не можам да ви дадам одговор на ова прашање. Исто така се плашам и да не се демотивираат, бидејќи се уште апликацијата станува достапна, во смисла се уште жени и девојки се информираат за нејзиното постоење.

Сте работеле ли на слични проекти во минатото, и доколку да, на кои?

-Родовобазираното насилство е проблем кој опстојува ради патријахалната култура која е длабоко навлезена и во институциите на Македонија. Тргнувајќи од начинот на кој сум израсната, отсекогаш сум се трудела да ги адресирам работите околу мене кои не чинат.
Во минатото сум била дел од повеќе кампањи од кои би ги издвоила Вклучи се! #СоСрцеЗаСекојЕдна (Leaving NoWoman Behind) на FES, и на Хелсиншкиот Комитет, кампањата за информирање во врска со женските права, „Брак – видео 7 од кампањата „Дали знаеш?“ . Исто така пишувам за првиот феминистички блог Медуза, најчесто за женскиот активизам во регионот и жени во политика, ама би го издвоила текстот, „Женска самоодбрана: историја, теорија и пракса“, кое како кратко истражување адресира начин на заштита и превенција од родовобазирано насилство.

Колку државата обезбедува услови за развој на младите таленти?

-Државата треба да предводи функционален систем, за да се обезбедени реални и потикнувачки услови за сите деца и млади. Доколку доволно добро истражиме можеби ќе наидеме на различни програми за пракса, волонтирање и школување, меѓутоа сите овие информации мораат да бидат подостапни и повеќе да се вложува во нивен развој. Вистинските услови треба да почнат уште од самиот старт на развивање на младите таленти, во едукативниот процес.

Како комуникациска и алумни координаторка во „NOVA International Schools“, имате ли информација дали повеќето од средношколците се одлучуваат да студираат во нашата држава или во странство?

-Секогаш кога размислувам на оваа тема, прво што помислувам е колку е тешко на 17-18 години да донесеш одлука што навистина те интересира и сакаш да го истражуваш, кога светот е полн со многу различни можности. Затоа е знајачна поддршката од родителите, наставниците и своветниците за тие се насочат подобро, иако најважно е да самите ученици да си стојат позади своите одлуки. Повеќето од учениците во НОВА, ради можноста која ја нуди IB (Меѓународната диплома) имаат супер шанси за студии на престижни факултети низ светот, но има и значителен процент на оние кои одлучуваат да студираат во Македонија.

Се надевам дека еден ден ќе имаме универзитети и во нашата земја кои ќе можат да ги предизвикаат младите умови кои имаат што да понудат. Високото образование во Македонија, се уште е во голема криза, како да забораваме дека студентските протестите во 2014-2015, не беа само критика кон контровезниот Закон за Високо Образование, туку и кон системското занемарување на науката и универзитетите.

Што според вас треба да се направи за да се сопре заминувањето на младите од земјава? Дали е тоа само подобро платени работни места или треба многу повеќе?

-Доколку младите би имале подобро платени работни места, што ги немаат, тоа не би го променило воздухот кој го дишеме, корупцијата како валута за фунционирање, недостатокот за можности. Во нашата држава недостига солидарност како концепт, заедно со владеење на правото и некаква идеја за слобода. Младите само сакаат да живеат нормални животи и да можат да се себереализираат. Иако сум голем поборник за тоа активно, на секој можен начин да се потрудиме да ги средиме работите дома, сепак одминува времето на идеализирање и се повеќе се соочувам како млада личност, дека едноставно многу од нашите граѓани, предводени од нивните политичари не сакаат свесно да се променат работите на подобро.

За да се запре проблемот со т.н. „brain-drain“, не треба да се гледа само како одделен проблем туку како резлутат на сеопфатното нефункционрање на клучните аспекти во едно општество. Политичките турбулентни кризи, влијаат подеднакво како и оние ‘’потивките’’ кризи кога не гледате соодветен прогрес. Сметам дека доколку ова прашање не стане национално прашање, ефектот ќе биде многу поголем од последиците што и сега ги чувствуваме.

Поборник сте за професионализација на медиумите. Иако има неколку светли примери, медиумите во Македонија се на многу ниско ниво и граѓаните имаат ниска доверба во нив. Најавено е медиумско описменување на најмладите во училиштата, мислите ли дека тоа би помогнало да се поправат работите?

-Сметам дека медиумското описменување уште од најрана возраст, ќе успее да ги опреми со вештини идните генерации на млади во Македонија како остар ум и аналитичко размислување кога станува збор за информирање и осознавање на светот. Освен што ова треба да биде дел од формалното образование, овој пристап ќе ги насочи идните генерации поголемо и активно учество на младите во општествените и политичките процеси.

Медиумската писменост, освен што создава можност да ги едуцира младите како да се инокулираат од лажни вести и пропаганда, креира можност и за нивно критичко размислување. Ако сакаме да имаме здраво општество, мора да постојат форми во едукацијата кои охрабруваат констурктивна критика и разбирање на проблемите претставени во медиумите. Преку сеопфатноста на тој процес постои можност да се влијае врз општо погоемо демократизирање на политичките процеси во Македонија, информирани граѓани бараат поголема одговорност од нивите претставници.

Работевте на развој на програми во Иницијатива на поддршка во Северна Македонија, програма која цели на унапредувања на борбата против корупција. Колку е направено во изминативе години за да се подобрат работите на тоа поле?

-Програмата на која работев истотака беше фокусирана на човекови права, борба против корупција и добро владеење. Она што е напредок е тоа дека сегашниот состав на ДКСК е избран на сосема нов начин, со учество на граѓанското општество преку Собранието. Меѓутоа извештаите покажуваат дека одлуките и ставките на ДКСК, се уште не се или селективно се почитуваат од страна на властите. Дополнително, ДКСК се уште нема свои простоии иако им беа ветени.

Борбата против корупцијата која е сметната во секој аспект од нашето општество, не смее да остане само декларативна. Непотизмот, клиентализмот се проблеми кои треба да се адресираат од сите актери подеднакво, дополнително независноста на инситуциите кои се борат против корпуција е најважна. Иако сметам дека многу подобрена работата од предходните години, сметам дека во борбата против корупцијата не смее да има никаков компромис, бидејќи оттука започнуваат сите негативни ефекти во нашето општество.

Работите ли на нешто ново во моментов?

-Она на кое што постојано работам во моето слободно време, заедно со прекрасниот тим на Стела Мрежа, е проширување на менторската мрежа, со нови менторки и менторирани девојки. Ние веќе три години работиме во полето овозможување менторска поддршка на девојки и жени од Македонија за нивен професониален и академски развој. Во моментов имаме околу 100тина менторки и околу 80 менторирани девојки. Истражувањето кое го направија дел од осонвачките на Стела, во 2018, како и искуството на Стела како прва женска менторска мрежа фокусирана на високото образование во Македонија укажуваат на потребата на иницијативи од ваков вид. Паралелно со институционалното и општествено отстранување на пречките кон родова еднаквост во однос на образованието, иницијативите како Стела и другите постоечки, специјализирани женски менторски мрежи во земјата би придонеле кон соочување со постоечкиот недостаток на родова сензитивност во образовниот процес и академскиот напредок .

Дополнително изминатиот период на т.н. герилски начин започнав една иницијатива која се уште ја немам објавено, а е нарачена Сподели Авторка. Идејата ми е заедно со помош на неколку други девојки да најдеме начин како да обезбедиме на феминистичка литература и го приближиме женското творшетво во помалите градови, односно да обезбедиме основна феминистичка литература во гратските библиотеки.

Сакам да започнеме прво со собирање на книги кои ги имаме по дома,а во меѓувреме уште бараме начини како да обезбедиме поголем број на книги. Се надеваме дека и други ќе не поддржат и ќе се приклучат во оваа иницијатива. За почеток ќе отидеме во неколку градови низ Македонија, ама се надевам дека во иднина ќе прерасне во поголема иницијатива. Оваа идеја започна со тоа што една од девојките кои ги менторирам ме праша каде може да ја најде книгата од мајка ми и каде може да прочита повеќе општо за родова еднаквост.

Достапноста на информации е особено значајна и додека се унапредува образовниот систем, треба да се има предвид и оваа литература. Иако условно кажано денеска се може да се најде на интернетот, значајно е да се има пристап до литература, особено која има еманципаторска цел.

Свесна сум дека прашањето за еднаквост влезе е во т.н. „мејнстрим“, и медиумите го имат тривијализирано и претворено во дебата на дефиниции – која треба да запре. Затоа е значајно ова да се направи на соодветен субверзивен начин, поточно преку едукација. Сите ние имаме многу да научиме за себе, за борбите пред нас и за тоа како да направиме поеднаков свет.

С.К.

Поврзани вести

Пејоски: Стартапите лесно може да се адаптираат на промени, корона-кризата може да биде само двигател во правилна насока

Влатко Зорба

Беџети: Бизнисите „вриштат“ и ја критикуваат државата кога не им оди, но кога им е добро не покажуваат спремност да и помогнат

Влатко Зорба

Симуновски, експерт за криптовалути: Физичките фиат валути ќе исчезнат за 15 години

Влатко Зорба