СТАНДАРД life
АНАЛИЗИ

Си ја мобилизира Кина за технолошка револуција

За американските политичари, потенцијалот на Кина да доминира во технолошкиот сектор на глобалната економија претставува една од најголемите геополитички закани во следните неколку децении. Претседателот Си Џинпинг е исто така загрижен дека САД ќе го блокираат подемот на Кина и оваа недела ќе ги открие плановите за самодоволност на азиската земја.

На годишната сесија на кинескиот законодавен дом, високи лидери на Комунистичката партија ќе одобрат петгодишен политички план за намалување на зависноста на Западот од клучните компоненти како што се компјутерските чипови, притоа правејќи големи влогови во новите технологии – од возила, кои се движат на водород, до биотехнологија. Тоа може да и помогне на Кина да ги надмине Соединетите држави како најголема економија во светот во оваа деценија, според Блумберг.

„Најважната работа е големината на амбицијата – таа е поголема од се што направија Јапонија, Јужна Кореја или САД. Амбиција е да се протурка економијата низ портите на технолошката револуција“, рече Бери Нотон, професор на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.

Конкуренцијата за развој на најсовремена технологија предизвикува тензии меѓу Соединетите држави и Кина по децениите на интеграција, кои го зголемија животниот стандард ширум светот. Двете страни сега се стремат кон самодоволност во стратешките области.

За Си, тоа е повеќе од само подобрување на животот на 1,4 милијарди луѓе во Кина. Тој исто така сака да покаже дека партијата може да има успешна улога во водењето на економијата, особено откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се обиде да го наруши нејзиниот легитимитет и изврши напади врз националните гиганти како што е Huawei Technologies Co. и Semiconductor Manufacturing International Corp., најголемиот производител на микрочипови во Кина.

Економистите предвидуваат дека кинеската економија ќе се прошири за 8,3% оваа година, во споредба со 4,1% во САД. „Пандемијата уште еднаш ја докажува супериорноста на социјалистичкиот систем со кинески карактеристики“, рече Си минатата година. Во понеделникот, тој ги нарече „славните традиции“ на партијата „вредно духовно богатство“.

Но, сега Соединетите држави бараат сојузници кои ќе им помогнат да ги попречат аспирациите на Си, и со тоа што ќе му го забранат пристапот на Пекинг до клучните технологии и со кратењето на сопствените синџири на снабдување за стратешки добра. Минатата недела американскиот претседател Џо Бајден објави сеопфатен преглед на синџирот на снабдување со полупроводници, фармацевтски производи, ретки земјени метали и батерии со голем капацитет, дел од поширокиот план кој вклучува 2 трилиони долари инфраструктурни трошоци.

„Ако не се помрднеме, тие ќе ни земат од лебот“, изјави Бајден пред новинарите во февруари по неговиот прв разговор со Си. Комесарот за трговија на ЕУ, Валдис Домбровскис, ја издвои загриженоста дека Пекинг им дава нефер предности на кинеските компании, изјавувајќи за телевизијата Блумберг минатиот месец дека блокот ќе работи со Соединетите држави за предизвиците што произлегуваат од „кинескиот социо-економски модел“.

Глобалните инвеститори внимателно ја следат сесијата на Националниот народен конгрес, што започнува во петок и трае околу една недела. Комунистичката партија покажа дека може брзо да насочи милијарди долари за контрола на синџирите на снабдување во секторите во развој, како што се сончевата енергија и електричните возила.

Фокусот на технологијата е поитно поради опаѓањето на ефикасноста на кинескиот економски модел, кој се потпира на насочување на заеми за инвестирање во недвижнини и инфраструктура за стимулирање на растот. Сепак, бидејќи урбанизацијата забавува, а локалните власти тешко можат да најдат одржливи инфраструктурни проекти, Пекинг мора да го искористи лостот на технологиите за зголемување на продуктивноста за да ја постигне целта за удвојување на големината на својата економија од нивото на 2020 до 2035 година

Еден клучен фактор е трошокот за истражување и развој. Се очекува властите да откријат цел што ќе одговара или го надминува годишното трошење на САД од околу 3% од бруто домашниот производ. Повеќе ќе бидат наменети за истражување финансирано од државата, а кинеското Министерство за наука и технологија објави приоритетни области како што се водород, електрични возила и суперкомпјутери.

„Ако ова на крајот се исплати и Си Џинпинг биде во можност да создаде поцентрализиран модел на раст, тогаш Кина ќе го надмине долгиот список на предизвици со кои се соочува земјата“, рече Џад Бланш, истражувач во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.

Пример за она што Пекинг го има на ум е биотехнологијата, која едвај постоеше во Кина пред една деценија и беше дефинирана како „стратешка индустрија“ во последните пет години. Од 2016 до 2020 година, пазарната капитализација на јавно регистрираните кинески компании кои развиваат иновативни лекови се зголеми од 1 на 217 милијарди долари. Во 2019 година, првиот третман за рак развиен во Кина беше одобрен во САД

Главната област во која се бори Кина е производството на чипови, а нејзините водечки компании се уште најмалку пет години зад глобалните конкуренти. Петгодишниот план на Кина ќе вклучува мерки за зајакнување на финансирањето на полупроводници, третирајќи го секторот со ист вид приоритет што му беше даден на градењето на неговата нуклеарна способност, објави „Блумберг њуз“ во септември.

Пекинг сигнализираше дека ќе продолжи да се потпира првенствено на приватни компании за да ги постигне своите технолошки цели преку даночни олеснувања, директни инвестиции во почетни компании и малцински удели во ветувачки, но финансиски загрозени компании. Пекинг исто така ќе поздрави повеќе инвестиции од странски компании како што е „Тесла АД“, се додека тие помагаат да се постигне целта за надградба на кинеската технологија.

„Додека Западот ги гледа амбициите на Си како закана, обидите на Пекинг да постигне самодоволност во голема мерка се одбранбен потег на Кинеската комунистичка партија“, рече Мег Ритмајер, вонреден професор на Бизнис школата на Харвард.

Поврзани вести

„Чипагедон“: Што треба да знаеме за недостатокот на чипови?

Влатко Зорба

Богатите земји повлекоа 18 трилиони долари заеми во 2020 година… и не се грижат како ќе ги вратат

Влатко Зорба

Деценијата на Apple

msp-admin