СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

3 клучни структурни предизвици кои треба да се надминат за да се поттикне конкурентноста и инклузивниот раст во земјава

По повод Програмата за економски реформи 2021-2023 година, која се достави до ЕК на 29 јануари 2021 година и која има за цел преку конкретни реформски мерки да дејствува на клучните предизвици за конкурентноста на земјава, во рамки на дијалогот со Европската Унија за исполнување на економските критериуми, денеска се одржа состанок на високо ниво помеѓу министри од Владата на Република Северна Македонија и директори во генералните директорати за проширување и соседска политика и за труд и социјална политика, како и претставник од Директоратот за економија и финансии на Европската комисија.

Фокусот во 2021 година ќе биде справувањето и надминувањето на последиците од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19, како и поставување основи за забрзан и одржлив економски раст, зелена економија, дигитализација на процесите и општо подобрување на сите процеси и состојби во општеството.

На средбата, покрај министерот за финансии Фатмир Бесими, координатор на процесот на изработка на Програмата на економски реформи, присуствуваа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, министерката за образование и наука Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, директорот на Фондот за иновации Коста Петров, заменик-министерот за економија Зоран Маневски и државниот секретар на СЕП Калинка Габер. Од страна на Европската комисија на состанокот присуствуваа директорката на Директоратот за стратегија во ДГ НЕАР (Генерален директорат за проширување) Мирјам Феран, директорот на Директоратот за мобилност на работна сила во ДГ ЕМПЛ (Генерален директорат за вработување и социјална политика) Џорди Курел, Уве Штам , раководител на Одделението за држави – кандидати за членство во ЕУ во ДГ ЕКФИН (Генерален директорат за економија и финансии) и евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.

Европската комисија во својот извештај за спроведување на економските реформи од лани идентификува три клучни структурни предизвици коишто треба да се надминат со цел да се поттикне конкурентноста и инклузивниот раст во земјава. Тоа се подобрување на конкурентноста на домашните компании и интеграција во глобалните синџири на вредности, подобрување на квалитетот и важноста на образовниот систем и формализација на економијата.

Оттаму, во Програмата на економски реформи 2021-2023 се опфатени 20 приоритетни реформски мерки коишто треба да се спроведат во наредните три години во насока на реформа на пазарот на енергија и транспорт, развој на земјоделскиот сектор, подобрување на деловното окружување и намалување на сивата економија, поддршка на истражување, развој и дигитална трансформација, регионално економско поврзување, образование и вештини, социјална заштита и инклузија, како и здравствена заштита.

Оттаму, Програмата содржи мерки за зголемување на конкуренцијата на пазарот на електрична енергија, промоција на обновливи извори на енергија, подобрување на енергетската ефикасност и имплементација на интелигентен транспортен систем долж паневропскиот Коридор 10. Програмата содржи и мерки насочени кон подобрување на деловното окружување, како рационализирање на парафискалните давачки и формирање единствен регистар за истите, формирање електронски пазар за набавки од мала вредност и поддршка на новоосновани мали и средни претпријатија во помалку развиените региони.

Во насока на намалување на неформалната економија ќе се преземат механизми за поттикнување на регистрираните економски активности и трансакции, со фокус на секторите каде што има најголема веројатност за непријавена работа.

Програмата содржи и мерки за подобрување на резултатите од образовниот процес и намалување на неусогласеноста на вештините и квалификациите со потребите на пазарот на работна сила. Истовремено, ќе се работи и на спроведување на новиот Закон за социјална заштита, особено во поглед на најранливите категории граѓани, како и поголема активност на работоспособното население. Во оваа Програма за првпат се вклучува и здравствениот сектор, каде што се предвидени активности за подобрување на примарната здравствената заштита на населението.

Состанокот на високо ниво се одржа во рамките на оценската мисија на Европската комисија на Програмата 2021-2023. Во мај 2021 година, ќе се спроведе дијалог во рамките на Советот на ЕУ со министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите кандидати за членство од Западен Балкан и Турција. Резултат на дијалогот е донесување заеднички заклучоци врз основа на оценката на Програмата, со што се даваат препораки за подобрување во економските политики, со цел забрзување на економската конвергенција, зголемување на конкурентноста на деловниот сектор и отворање нови работни места.

Поврзани вести

РКЕ утре ќе ги одреди новите цени на струјата и парното греење

Оштетени штедачи: Уставниот Суд на чекор пред враќање на довербата во правната држава!

Влатко Зорба

Битиќи: Новата програма ја креираме заедно со граѓаните