СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Цените на нафтата лани паднаа за повеќе од 20 отсто

Цените на нафтата минатата недела малку се зголемија на светските берзи, но минатата година паднаа за повеќе од 20 проценти, бидејќи кризата со коронавирусот предизвика пад на побарувачката за „црно злато“.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за 1 процент на 51,80 долари, додека на американскиот пазар за еден барел порасна за 0,6 проценти на 48,52 долари.

Но, во текот на изминатата година, цената на барелот падна за 21,5 проценти на пазарот во Лондон и 20,5 проценти во САД.

Во март и април минатата година, за време на првиот бран на пандемијата, која властите се обидоа да ја спречат со ограничување на движењето и затворање на бизнисите, цените на нафтата остро паднаа и се најдоа на најниско ниво во последните 20 години.

Така, на пример, поради наглиот пад на побарувачката, цената на барелот на лондонскиот пазар потона на само 15,98 долари, што е најниско ниво од 1999 година.

На американскиот пазар, трговците за кратко време дури плаќаа на клиентите само за да земат нафта, со цел да избегнат високи трошоци за складирање. Како резултат, во еден момент цената на барелот падна на негативна територија.

Но, подоцна, цените надоместија голема загуба, благодарение на огромните фискални и монетарни стимулативни мерки во најголемите светски економии, кои поттикнаа закрепнување на економската активност, а со тоа и побарувачката на нафта.

Во последните месеци, цените се зголемија благодарение на развојот на вакцини за коронавирус, што ги зголеми надежите дека економската активност во светот наскоро ќе се врати во нормала и побарувачката за „црно злато“ ќе се зголеми.

Сепак, бројот на лица заразени со коронавирус продолжува да расте во многу земји низ светот, а се појави нов вид на вирус, кој се шири побрзо од порано. Затоа трговците се на „штрек“.

Истражувањето спроведено од Ројтерс меѓу трговците покажува дека тие не очекуваат значителен пораст на цените во 2021 година.

„Новите видови на вирусот може да ги комплицираат изгледите и да резултираат со поостри мерки за затворање што може да ја ограничат побарувачката за нафта во првиот квартал“, вели Едвард Моја од консултантската фирма ОАНДА.

Понатамошниот развој на цените на нафтата во голема мера ќе зависи од тоа колку брзо светската економија, а со тоа и побарувачката на нафта, ќе закрепне од корона-кризата.

Трговците, исто така, внимателно го следат производството. Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници се очекува да го зголемат производството за 500.000 барели на ден во јануари.

Поврзани вести

ТВИТЕР КАЗНET ОД РУСКИ СУД: 35.000 евра затоа што не избришале содржина

Влатко Зорба

„Зара“ ги измами работниците: Планот за затворање продавници тргна наопаку, вработените сами си даваат откази

Влатко Зорба

ОКТА донираше пречистувачи на воздух на Детската клиника во Скопје

msp-admin