СТАНДАРД life
ПРЕТПРИЕМАЧ

Мојсоска Блажевски: Да воспоставиме систем за привлекување на инвеститори кој е предвидлив и стабилен и да ја намалиме корупцијата

Извршниот директор на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска Блажевски не го го споделува оптимизмот на Владата дека планот „Шанса за сите“ ќе значи справување со вкупниот број лица кои изгубија работа поради последиците од вирусот КОВИД 19. Тврдењето го аргументира со едноставна пресметка која ја покажува противтежата меѓу Оперативниот план со предвиденото вклучување на 12.696 лица во мерките за вработување, и ланската ситуација кога бројот на невработени се зголеми за 50.000 лица.

Оттука, според Мојсоска, „констатацијата дека Планот ќе се справи со лицата кои останаа без работа поради КОВИД-19 е пресилна и неточна“.

Се оградува од дилемите дека преку него ќе се субвенционираат вработувања по етнички клуч и вели: „Планот експлицитно не предвидува поддршка на вработувањата по етнички клуч но се надевам дека како пракса ќе преовлада системот базиран на квалитет за кој толку се боревме што сега е дегутантно да го уриваме самите“.

Важноста на системот го посочува и во контекст на потребата на засилување на активностите за привлекување потенцијални инвеститори.

„Во изминатиов период се изгубивме од мапата на потенцијалните инвеститори или ја изгубивме битката со земјите во опкружувањето“, посочува Мојсоска за „Стандард“.

Останува на ставот дека во април ќе имаме подобра слика како ќе тече оваа година и на здравствен и на економски план, бидејќи според неа ниту 2021 година нема да биде „нормална“ година.

Дали се реални очекувањата на Владата дека со планот „Шанса за сите“ ќе се справи со вкупниот број лица кои останаа без работа порадипоследиците од вирусот КОВИД 19?

– Планот „Шанса за сите“ предвидува вклучување на околу 12.696 лица во активните програми и мерки за вработување во 2021 година. Во една наједноставна пресметка, во периодот од јануари до декември 2020 година, бројот на евидентирани невработени лица се зголемил за над 50 илјади лица, што значи дека констатацијата дека Планот ќе се справи со лицата кои останаа без работа поради КОВИД 19 е пресилна и неточна. Но, сепак би рекла дека Планот би имал позитивна улога во намалување на негативните последици од КОВИД 19 врз пазарот на труд.

Во однос на планираниот обем на програми и мерки во 2020 година, бројот на учесници во 2021 година е зголемен за 23,5%, а обемот на планирани средства за 19% (споредба со ревидираниот план за 2020 година). За поголемо влијае потребни се повеќе средства кои за жал се органичени особено во услови на оваа здравствена и економска криза. Тоа е главниот проблем. Економските политики (и политиката за вработување) треба да делува спротивно на циклусот односно да се силни во услови на криза, но токму во тие периоди пак нема доволно буџетски средства за посилни интервенции.

Планот опфака и субвенционирање на вработувања по етнички клуч. Колку ќе биде овој чекор подложен на манипулации со единствена цел добивање на владините средства? Стопанствениците веќе потврдија дека нивен единствен критериум останува квалитетот, но и дека од друга страна добро ќе им дојде помош во актуелните услови на криза.

-Да бидеме прецизни, Планот се заснова на три принципи од кои едниот е поврзан со „принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор согласно принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или било која друга ранлива категорија на граѓани, во согласност со стандардите и практиките на Обединетите нации и Меѓународната организација на трудот. Со други зборови, не е предвидено експлицитно ниту пак преку одредени критериуми дека ќе се поддржуваат вработувања по етнички клуч. Нема ниту поставено цели на Планот за етнички-поддржани вработувања. Како принцип, сметам дека е добро наведен, а како практика се надевам дека сепак ќе преовладува системот базиран на квалитет. Толку се „боревме“ за тој т.н. мерит систем (и во јавна администрација и во приватен сектор) што сега е дегутантно да го рушиме самите.

Во приватниот сектор вработувањата не (треба да) познаваат било каква категоризација на граѓаните и потенцијалните работници, освен категоризација на знаења и вештини. И, ако навистина сметаме дека одредени категории граѓани заслужуваат поддршка, тогаш таа поддршка треба да е преку квалитетно образование а не преку фаворизација иако имаат пониски знаења и вештини од другите.

Но, она што го поддржувам е приоритетот кој во одредени мерки и програми се става на Ромките и жените од другите етнички малцинства. Бидејќи, нивното учество на пазарот на труд (па и во образованието) е во голема мера под влијание на одредени стереотипи во општеството и доминантната традиционална улога за жената во семејството. Кога постојат такви пречки, сметам дека треба да се поддржат и поттикнат тие жени да најдат работа. Иако, тешко е да се постигнат големи ефекти само со една мерка. Важно е тие жени да имаат пристап и до градинки, до установи за грижа на стари лица, да имаат поддршка околу грижата за домаѓинството и тн.

Владата излезе со став дека во процес се инвестиции кои ќе генерираат нови 3000 вработувања. Дали овие прогнози имаат основа, и воопшто какви ќе бидат понатамошните трендови во оваа насока ако го имаме предвид фактот дека секое понатамошно одлагање на вакцинацијата го зголемува ризикот од економска неизвесност?

-Според мене, и глобалните превидување за заздравување на економиите се малку оптимистички. Но, и во тој меѓународен контекст, на пример, проектираниот раст на земјите од ЕУ во 2021 година е релаитвно низок. Повеќето ЕУ земји (вклучително и нашите најголеми трговски партнери како Германија) во 2021 година ќе остварат економски раст кој е помал од падот во 2020 година. Оттука, сметам дека и инвестициската активност во глобални рамки ќе биде ограничена во 2021 година.

Ги слушнав најавите на владата и би сакала да се реализираат, но сепак ми изгледаат оптимистички. За жал, во измиантиот период мислам дека малку се изгубивме од мапата на потенцијалните инвеститори или ја изгубивме битката со земјите во окружувањето. Така што, препораката е да ги засилиме активностите на тоа поле, има позитивни поместувања, но важен е системот, а не поединци. Мора да воспоставиме систем за привлекување на инвеститори кој е предвидлив и стабилен, и секако да ја намалиме корупцијата како една од поголемите проблеми во општеството. И, да не ги заборавиме домашните инвестиции. Во тек се измени на Закон за финансиска поддршка на инвестиции кои се во добра насока, така што би очекувала позитивни поместувања и на тој план (иако сепак треба да се има во предвид реалноста со КОВИД 19).

Негативните ефекти од вирусот КОВИД-19 беа причина за намалување на платите во туристичкиот сектор, кај угостителите, превозниците. Дали овој тренд и понатаму ќе продолжи, и дали можеби треба да го очекуваме и во други гранки?

– Според податоците на Државниот завод за статистика за нето плати, во декември 2020 година најголем пад (во споредба со декември 2019 година) има на платите во туризмот (за 23,1%), во филмската дејност и издаваштво (14%) и тн. Во дејност за подготовкаи служење на храна падот на платите е многу понизок (3,6%), а во секторот транспорти складирање има благ пораст на платите. Ова се официјални податоци, иако можеби се агрегирани вклучуваат повеќе под-сектори. Секако, компаниите од овие а и некои други сектори немаше да опстанат без мерките за поддршка, вклучително и субвенциите на плата.

Во истражување кое го спроведуваше „Македонија2025“ со Меѓународната Организација на Трудот (МОТ) во периодот октомври-декември 2020, дури 11% од компаниите изјавиле дека не би опстанале без поддршката за плати. Сепак, околу 9% од испитаниците/компаниите кои користеле некој вид на поддршка, се изјасниле дека би опстанале и без таа мерка. Ова упатува на тоа дека и понатаму е потребна поддршка за компаниите, но и дека постојано има простор за унапредување на мерките и критериумите за да се одбегнат непотребните загуби за општеството.

За жал, просторот за натамошен маневар се стеснува со оглед на ограничените буџетски ресурси, како и порастот на задолжувањето. Од друга страна, како држава не успеавме да обезбедиме вакцинација на населението што е голем проблем и упатува на тоа дека ќе ни треба подолго време за стабилизирање на ситуацијата. Мислам дека оваа криза (и барањата и потребите за државна поддршка) отворија и едно значајно прашање, на формалност и неформалност. Така на пример, оние кои кои останаа без работа (а биле неформално) не можеа веднаш да добијат поддршка, во првиот пакет на мерки. Или оние кои не ги пријавувале своите приходи од одредени дејности, немаат основа да бараат субвенции или поддршка од владата.

Последно, многу е важно паралелно со мерките за поддршка на компаниите за да се справат со негативните ефекти од КОВИД 19, да се засили и поддршката за успешни компании кои би растеле. Зошто, набрзо, ќе треба да ги враќаме долговите, а за тоа е потребно посилна економија (и повисоки буџетскиприходи).

Владата искажа увереност дека ќе успееме да постигнеме раст повисок од 4%. Дали сепак треба да имаме одредена задршка во однос на можноста за нормализирање на економските текови имајќи ги предвид актуелните фактори (растечка задолжителност – нова еврообврзница, претстоен попис, се приближуваат избори)

– Сметам дека најголем ризик за проекциите е кога ќе се стабилизира ситуацијата на здравствен план, а со тоа и на економски. Втор ризик е заздравувањето на економиите на ЕУ земјите кои се наши најголеми трговски партнери. И трето, нешто што мислам кај нас е веќе „традиција“ е токму политичкиот процес, партиски конгреси и избори, локални избори и тн. Не би ги коментирала понатаму овие ризици, мислам дека доста ги коментираме.

Во едно од вашите последни интервјуа велите дека до овие сознанија ќе дојдеме во април. Останувате на овој термин?

-Да, останувам на ставот дека во април ќе имаме подобра слика како ќе тече годината, и на здравствен и на економски план. Засега, сосема е извесно дека ниту 2021 нема да биде „нормална“ година.

К.В.С.

Поврзани вести

Наумоски: Само со заедничко делување на државните апарати и стопанството ќе им помогнеме на граѓаните помалку да го почувствуваат економскиот удар на пандемијата

Влатко Зорба

Симуновски, експерт за криптовалути: Физичките фиат валути ќе исчезнат за 15 години

Влатко Зорба

Муратовска: Посакувам во 2021 година да нема мито и корупција по главните транспортни коридори

Влатко Зорба