СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Третиот пакет економски мерки на СДСМ предвидува 500 милиони евра помош за граѓаните

Купување домашни производи, посета на домашни туристички капацитети, унапредување на ИТ секторот и земјоделството преку градење откупни пунктови, предвидува третиот пакет економски мерки кој го најави лидерот на владеачката СДСМ Зоран Заев за кои рече дека се димензионирани над 500 милиони евра помош за граѓаните.

Тој, во интервјуто на Топ Тема посочи дека новиот пакет за кој Владата треба да ја утврди неговата реализација има три димензии.

– Првата е да ја стимулираме приватната потрошувачка. Ќе насочиме средства директно кон граѓаните, точно кон одредени категории граѓании за да ги потрошат тие пари, со што ќе купуваат домашни производи, ќе посетат домашни туристички капацитети и тоа треба да се случи летово. Зборуваме за износ од десетици па и до 100 милиони евра, зависи од буџетските можности и одлуката на Владата, посочи Заев.

Втората димензија, додаде тој, е насочена кон јавната потрошувачка.

– Ќе стартуваат проекти кои беа планирани за 2021 или 2022 година. Се работи за водоводи, патишта, канализации, гасификацијата, железници, училишта и градинки. Се за што има проект ќе се стави на лента и на тој начин ќе го активираме градежништвото, а тоа носи и придвижува 72 други гранки со него, појасни Заев.

Во однос на третата димензија, тој истакна дека таа се однесува на компаративната предност на македонската економија.

– Можеме многу да смениме од оваа криза, да ги унапредиме ИТ секторот и дигитализацијата, да го унапредиме земјоделството преку градење на откупни пунктови, нови дејности и одгледување на нови култури кои имаат побарувачка на пазарот, рече Заев.

Тој посочи дека на тој начин, преку пуштање на пари во оптек граѓаните ќе ја помогнат домашната економија.

– Ова ќе биде сериозен придонес за економијата. Овој пакет мерки, трет пакет, до крајот на годината ќе внесе 500 милиони евра во економијата, со средствата од првиот и вториот пакет тоа е околу 1 милијарда евра, што е околу 10 отсто од брутодомашниот производ, заклучи Заев.

Поврзани вести

Започнува четвртата генерација стартапи низ акцелераторската програма „И од Битола се може(и)”

Влатко Зорба

Тодевски: Прибрана и заштитена севкупната опрема и мебел што се дел од имотот на Еуростандард

Берта Китинска

Приходите на Huawei нагло се зголемија минатата година и покрај сите скандали и санкции

Stefanija Kuzmanovska