СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Изолација на Huawei: САД и Велика Британија промовираат јапонска опрема за 5G мрежи

Владите на Јапонија, САД и Велика Британија ќе ја засилат соработката за промовирање на опрема и технологии развиени од јапонски компании во областа на 5G мрежи за безжични комуникации, а тоа може да влијае на потиснување на кинески Huawei, напиша денеска јапонскиот весник „Јомиури“.

САД и Велика Британија започнаа активности за исклучување на кинеската опрема Huawei од нивните 5G мрежи. За јапонските производители како NEC и Fujitsu кои се џуџиња во споредба со странските ривали според глобалниот удел на пазарот, ова е златна можност, пишува изданието.

Големата тројка на мобилната индустрија – Huawei, Ericsson и Nokia, поседуваат околу 80 проценти од глобалниот пазар за опрема поврзана со базните станици за комуникација, вклучително и 5G мрежите. Доколку производите на Huawei бидат исклучени од 5G мрежите, чиј развој ќе се забрза во иднина, изворите за набавка на производи ќе станат ограничени и јапонските компании ќе ја видат својата можност таму.

Британската влада во ноември минатата година објави дека ќе започне соработка со NEC за да ја тестира нивната опрема за градење 5G комуникациски мрежи во земјата.

Јапонскиот весник потсетува и на средбата Јапонија-САД минатата есен, кога разговараа за соработка во диверзификација на изворите на снабдување со 5G опрема, имајќи предвид производи од јапонски производители, наместо Huawei, чија опрема САД ја сметаат за проблематична од безбедносна гледна точка.

Имено, САД, Велика Британија и некои други земји тврдат дека инсталацијата на опремата Huawei е поврзана со можноста за собирање чувствителни податоци важни за националната безбедност. Кина постојано го негира ова.

Владата на САД и Јапонија, исто така, одлучија да ја засилат соработката за безжични мрежи Beyond 5G или шеста генерација. Јапонската влада има намера да го зајакне присуството на јапонските производители на глобалниот пазар на 5G опрема и да им овозможи да преземат водечка улога и во индустријата 6G, пишува „Јомиури“.

Според британската компанија за истражување на пазарот „Omdia“, Huawei во 2019 година учествуваше со 33 проценти од глобалниот удел на пазарот за опрема поврзана со базните станици на мобилните телефони, вклучително и мрежите 5G. Следат Ericsson со 25 и Nokia со 20 проценти. Меѓу јапонските производители, NEC има удел од 0,7, додека Fujitsu – 0,6 проценти.

Huawei, кој е на првото место, има широк спектар на производи и опрема, благодарение на големите трошоци за истражување и инвестиции. Тој беше избран за снабдувач од широк спектар на клиенти низ целиот свет и поради неговите релативно ниски цени.

Досега јапонските производители не беа во можност да сметаат на значително присуство на глобалниот пазар на телекомуникациска опрема. Сепак, промената на безбедносната состојба поврзана со подемот на Кина на глобалната сцена, придонесува кон третирање на јапонските производители како сигурни добавувачи меѓу јапонските сојузници и пријатели.

5G безжични уреди се очекува да се користат на сите полиња, од автомобили и медицински услуги до снабдување со електрична енергија и вода. Од безбедносни причини, како што се сајбер шпионажа и сајбер тероризам, САД и другите земји одлучија да ги исклучат кинеските производители, вклучително и Huawei, од нивните 5G мрежи.

Индикацијата на Соединетите држави и Велика Британија за нивната подготвеност да ги диверзифицираат своите извори на опрема за нивните 5G мрежи ќе им обезбеди на јапонските компании златна можност да го вратат изгубеното тло, заклучува „Јомиури“.

Во мај 2019 година, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша указ со кој се воведува заштита на информатичката и комуникациската инфраструктура на земјата од странски закани. После тоа, Министерството за трговија на САД го стави Huawei на црната листа поради закани по националната безбедност.

Владата на Велика Британија, исто така, објави дека заклучно со 31 декември минатата година, телекомуникациските оператори во земјата нема да можат да купуваат 5G опрема од Huawei, а до 2027 година целата опрема на компанијата во британските мрежи од петта генерација ќе биде заменета со производи од трети страни.

Соединетите држави и нивните сојузници ја обвинија кинеската компанија дека има врски со разузнавачките служби на Народна Република Кина и во тоа гледаат опасност, додека Кина постојано ги негира ваквите обвинувања.

Поврзани вести

Како ќе изгледа пазарот на трудот по пандемијата?

Влатко Зорба

GreatWall ќе произведува електрични автомобили на Xiaomi

Влатко Зорба

IQOS уредот со несогорлив тутун на Филип Морис почна да го освојува пазарот во САД

msp-admin